
„Старбакс“ оваа недела ја затвори програмата за вештачка интелигенција што вработените ја користеа за автоматско броење на залихите во продавниците низ Северна Америка. Програмата беше воведена пред девет месеци како дел од планот на извршниот директор Брајан Никол за справување со честите недостатоци на производи што негативно влијаеја на продажбата.
Сепак, системот честопати правел грешки, погрешно ги препознавал производите или воопшто не ги регистрирал. Според интерно известување на компанијата, „Старбакс“ се враќа на класичниот рачен инвентар на состојките за млеко и пијалоци, како и на други видови инвентар. Компанијата изјави дека сака да го стандардизира начинот на кој се брои стоката на сите локации и да ја подобри конзистентноста во работата, објавува „Ројтерс“.
Алатката со вештачка интелигенција беше воведена во септември минатата година и требаше да го замени рачното броење на одредени производи. Вработените користеа таблет кој скенираше полици со сирупи, млеко и други состојки користејќи камери и LIDAR технологија. Целта беше системот да работи побрзо и попрецизно од луѓето, како и да ѝ помогне на компанијата да ја оптимизира понудата. Сепак, проблемите со препознавањето на производите се појавија речиси на стартот.
Некои вработени ја поздравија одлуката за затворање на системот. Во интерни пораки, тие изјавија дека идејата е добра, но дека имплементацијата создава проблеми во секојдневната работа. Еден пример прикажан претходно во промотивно видео покажа дека системот не успева да препознае шише сируп од нане на полицата, иако регистрирал други производи околу него.
Иако „Старбакс“ минатиот месец го објави својот најдобар раст на продажбата во последните две и пол години, маржите на профит во Северна Америка значително се намалија во однос на периодот пред доаѓањето на Никол во 2024 година. Инвеститорите внимателно следат дали неговите големи инвестиции во технологија и дополнителен персонал ќе дадат подобри долгорочни резултати. Компанијата што го разви контроверзниот систем за вештачка интелигенција, „НомадГо“, изјави дека продолжува да ги подобрува своите производи врз основа на повратните информации од корисниците.











