„Мерцедес“ најавува револуција: Автономно возење низ германските градови од 2027 година

Германскиот производител на автомобили „Мерцедес“ продолжува да инвестира во автономно возење, а според директорот за развој во таа компанија Јерг Бурцер, новите модели на автомобили на „Мерцедес“ опремени со системот „Мерцедес драјв пилот“ ќе можат да возат речиси автономно низ густ сообраќај во германските градови од 2027 година.

„Се очекува оваа услуга да биде достапна низ цела Германија од 2027 година“, објави Бурцер на платформата „Линкедин“, наведувајќи дека компанијата развива асистирано и автоматизирано возење во тесна координација со Сојузното министерство за транспорт, објавува германскиот неделник „Шпигел“.

Со таканаречената навигација од точка до точка, возачот останува одговорен и затоа мора формално да ги стави рацете на воланот најмалку на секои неколку секунди, меѓутоа, електрониката всушност ја презема контролата врз возилото, дури и во сложени ситуации.