Роаминг со ЕУ како дома: Оптимистичкото сценарио е 1 јануари 2027 година

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во однос на најавите за укинување на роамингот на ЕУ со Западен Балкан, вели дека тоа не зависи од нас, туку од ЕУ, а оптимистичко сценарио тоа да се случи би можело да биде 1 јануари 2027 година.

– Едно оптимистичко сценарио е дека до крајот на годината би ја имале оваа можност за нашите граѓани. Тоа сепак зависи од Европската Унија, рокот не зависи од нас, но би значело оптимистичко сценарио – роаминг од 1 јануари 2027 година, изјави Андоновски одговарајќи на новинарски прашања на настан посветен на конкурентноста, иновациите и дигиталната трансформација во земјите од Западен Балкан.

Тој потсети дека тоа е иницијатива на Европската Унија за намалување на трошоците за роаминг за граѓаните од Западен Балкан коишто ќе патуваат во Европската Унија и за граѓаните на Европската Унија коишто патуваат во земјите од Западен Балкан.