
Јужнокорејската компанија „Самсунг Електроникс“ планира да инвестира околу 1,5 милијарди долари (околу 1,3 милијарди евра) во изградба на фабрика за тестирање на полупроводници во Виетнам, објави „Ројтерс“.
Повикувајќи се на документот на компанијата доставен до локалните власти, агенцијата додава дека новата фабрика ќе биде изградена во индустриски парк околу 60 километри северно од Ханој, а почетокот на работата е планиран за ноември 2027 година.
Тоа ќе биде првиот објект на „Самсунг“ за тестирање на полупроводници во Виетнам, во време кога глобалната побарувачка за мемориски чипови расте поради брзиот развој на технологиите за вештачка интелигенција (ВИ).










