
Во 2025 година, повеќе од 81,6 милиони луѓе во Европската Унија на возраст од 15 до 74 години биле вработени во науката и технологијата, што претставува зголемување од 1,8 проценти во споредба со 2024 година (еквивалентно на 1,5 милиони луѓе) и зголемување од 25,3 проценти во текот на последната деценија.
Од 81,6 милиони луѓе, 52,5 проценти биле жени (42,8 милиони), кои работеле претежно во услужните индустрии. Нивниот удел се зголемил за 2,3 проценти во споредба со 2024 година и за импресивни 27,9 проценти во споредба со 2015 година, што одговара на апсолутно зголемување од повеќе од 9,3 милиони жени во научните и технолошките занимања во последните десет години, соопшти Европската канцеларија за статистика.
Научните и технолошките занимања се оние во кои главните задачи бараат високо ниво на професионално или техничко знаење и искуство во една или повеќе области од физичките и природните науки, или општествените и хуманистичките науки.
Во регионите на ЕУ, најголем процент на жени вработени во науката и технологијата во 2025 година е забележан во Латвија, со 62,4 проценти, по што следуваат унгарскиот регион на Големата рамнина и Северот, со 61,1 процент и Естонија со 60,5 проценти.
На другиот крај од скалата, најнизок процент е забележан во францускиот регион Корзика со 42,7 проценти, Малта со 46,0 и централниот регион на Италија со 47,2 проценти.
Научниците и инженерите се важна подгрупа од сите работници во науката и технологијата во ЕУ, претставувајќи речиси една четвртина (24,8 проценти).
Германија вработуваше најголем процент од земјите на ЕУ, со 4,2 милиони научници и инженери.
Иако жените сочинуваа повеќе од половина од работниците во науката и технологијата, тие останаа недоволно застапени меѓу научниците и инженерите, сочинувајќи 40,8 проценти од нивниот вкупен број во 2025 година. Овој удел се зголеми за само 0,5 процентни поени во текот на изминатите десет години, додека апсолутниот број на жени кои работат како научници и инженери се зголеми за 54,4 проценти во тој период, од 5,3 милиони во 2015 година на 8,2 милиони во 2025 година.










