Топлотните бранови ќе ја чинат грчката економија 13 милијарди евра

Топлотните бранови би можеле да ја чинат грчката економија околу 13 милијарди евра до 2030 година, според студија на „Алијанц Трејд“.

Компанијата посочува дека падот на економскиот раст во тој период во Грција ќе достигне 4,1 процент, додека порастот на температурата ќе има негативно влијание врз продуктивноста на работниците, трошоците за енергија и инвестициите, објавува „Портал Катимерини“.

Жешките лета како економски товар: Топлотните бранови го забавуваат растот во Грција

„Екстремната топлина повеќе не е краткорочен временски феномен, туку структурен економски шок. Европа е најизложена“, според извештајот на „Алијанц Трејд“.

Бидејќи длабоките ефекти од глобалното затоплување станаа поизразени во последниве години, климатските промени станаа доминантен проблем на економската и индустриската политика, а не само во доменот на екологијата. Ова е особено точно за Европа, каде што температурите растат двојно побрзо од глобалниот просек.

Се предвидува дека просечните глобални температури ќе достигнат близу рекордни нивоа во следните пет години, според годишниот извештај на Светската метеоролошка организација на ОН и Метеоролошката служба на Обединетото Кралство.

Според пресметките на „Алијанц“, кумулативните загуби на БДП би можеле да достигнат 5-7 проценти за најизложените економии: 206 милијарди евра за Франција, 126 милијарди евра за Италија, 113 милијарди евра за Германија и 103 милијарди евра за Шпанија.