
Илјадници албански граѓани се собраа и во Тирана во вторник вечерта, продолжувајќи ги протестите против изградбата на луксузен туристички комплекс вреден 1,4 милијарди евра, кој го развива компанија поврзана со инвестициската фирма на зетот на американскиот претседател, Џаред Кушнер, на дел од албанскиот јадрански брег.
Проектот е планиран на островот Сазан и во крајбрежната област во близина на заштитениот предел Вјоса-Нарта, познат по своите мочуришни живеалишта на фламинга, фоки и морски желки, објави Ројтерс.
Еколошките групи предупредија дека развојот на одморалиштата може да загрози стотици хектари недопрена крајбрежна линија и чувствителни екосистеми.
Инвеститорите, сепак, тврдат дека проектот ќе се спроведува со одговорно управување и заштита на животната средина.
Демонстрантите се собраа пред седиштето на владата во Тирана, носејќи транспаренти со пораки против проектот и предупредувајќи за можни последици врз животната средина.
Претставници на еколошките организации наведуваат дека планираниот комплекс би можел да прерасне во голем туристички центар со околу 10.000 сместувачки единици, што значително би го променило карактерот на областа.
Албанскиот премиер Еди Рама ја бранеше оваа инвестиција, нагласувајќи дека Албанија треба да остане отворена за странски инвеститори и рече дека нема намера да го запре проектот.
Протестите се интензивираа откако инвеститорите поставија заштитни огради на локацијата наменета за изградба во областа Звернец, во близина на Валона.
За време на протестите од претходните денови, имаше судири меѓу демонстрантите и приватното обезбедување, но немаше повредени.
Кушнер презентираше планови за развој на одморалишта во Албанија во 2024 година како дел од поширока инвестициска програма на Балканот.











