Цицикостас уверува: Нема знаци за недостиг на авионско гориво во Европа

Нема знаци за недостиг на керозин во Европа во наредните месеци и покрај енергетскиот шок од војната во Иран, изјави за Ројтерс комесарот за транспорт на Европската Унија, Апостолос Цицикостас.

„Моментно нема недостиг од гориво за авиони, а немаме ни знаци дека ќе има недостиг во наредниот период“, изјави европскиот комесар за транспорт.
Главната загриженост, сепак, останува порастот на цените на горивата. Според Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт, авионското гориво учествува со 25 до 30 отсто во оперативните трошоци на авиокомпаниите.

„Со оглед на високите цени на горивото за авионите, гледаме дека некои авиокомпании избираат да ги намалат помалку економичните рути што немаат никаква економска смисла“, рече Цицикостас.

Според него, ситуацијата ќе биде многу тешка ако снабдувањето со нафта од Блискиот Исток остане нарушено.

„Европа е подготвена и има резерви за итни случаи. Засега постои одреден степен на стабилност, но од клучно значење е војната да престане, а Ормутскиот Теснец да се отвори што поскоро“, рече тој додавајќи дека засега нема потреба да се дискутира за распределба на резервите.
Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија минатиот месец најави можност за увоз на гориво од САД како алтернатива при евентуален недостиг на керозин за европските авиокомпании. Оттаму соопштија дека не постојат пречки европските авиокомпании да користат гориво од американско производство, сè додека тоа го прават безбедно.