
Американскиот економист Џефри Сакс оцени на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург дека долгиот период на доминација на Соединетите Американски Држави и Европа во светската политика и економија е завршен, но дека западните политички елити сè уште не го разбираат ова.
Во обраќањето што го одржа преку видео врска од Њујорк, Сакс истакна дека процесот на промена на глобалниот поредок е веќе завршен, пренесува РИА Новости.
Тој оцени дека Вашингтон и европските престолнини сè уште не ја разбираат новата реалност во меѓународните односи, па затоа, според него, водат задоцнети битки за да ја одбранат веќе изгубената хегемонија.
Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург трае до 6 јуни и се одржува под слоганот „Прагматичниот дијалог е патот кон стабилна иднина“.
Форумот традиционално се одржува во Експофорумот, најголемиот конгресен и изложбен комплекс во Санкт Петербург, чиј капацитет достигнува 30.000 луѓе.
Според организаторите, Меѓународниот економски форум претставува една од клучните меѓународни платформи за економија, инвестиции и меѓународна соработка.
Основан е во 1997 година како регионален пандан на Светскиот економски форум во Давос, со цел да ги собере претставниците на државите и бизнисите за да разговараат за економски и геополитички прашања во постсоветскиот простор.











