
Британската економија се намали за 0,1 процент во април, покажаа официјалните податоци, што е првиот знак дека војната со Иран почнува да влијае на економскиот раст на Велика Британија.
Економистите очекуваа слабеење на активноста по силниот раст во првиот квартал, особено поради наглиот пораст на цените на енергијата предизвикан од нарушувањата на глобалниот пазар на нафта, објавува „Гардијан“.
Дополнителен притисок врз економијата создаде затворањето на Ормутскиот теснец од страна на Иран, еден од најважните поморски патишта за светска трговија и транспорт на енергија.
Падот на БДП во април следеше по растот од 0,3 проценти во март, според податоците од британската Канцеларија за национална статистика, што укажува на нагло забавување на економската активност.
Овие податоци ги зголемија стравувањата дека британската економија би можела да забележи пад и во вториот квартал. Министерката за финансии Рејчел Ривс оцени дека економијата влегла во кризата од релативно добра позиција, истовремено критикувајќи го американскиот претседател Доналд Трамп за политиката што, според неа, придонела за избувнувањето на конфликтот.











