На чекор до губење на лиценцата – најголемата светска криптоберза би можела да го изгуби пазарот на ЕУ

Најголемата крипто-берза во светот „Бинанс“ би можела да ја изгуби лиценцата за работа на пазарот на Европската Унија, објави „Ројтерс“.

Повикувајќи се на извори, агенцијата наведува дека ова може да се случи откако барањето на споменатата крипто-берза за лиценца според новата регулаторна рамка на MiCA ќе биде одбиено.

Компанијата поднесе барање до регулаторот во Грција, Комисијата за капитален пазар на Грција, но проценката на надлежните институции е таква што барањето може да биде одбиено, што значително би го ограничило работењето на берзата на територијата на Европската Унија.

Според новите правила на ЕУ за крипто-средства (MiCA), сите компании во секторот мора да добијат соодветна лиценца за да продолжат да обезбедуваат услуги низ целиот блок, а рокот истекува на крајот на јуни оваа година.

Доколку не добијат лиценца, крипто-платформите ќе мора да ги суспендираат или ограничат услугите во земјите-членки на ЕУ.

Binance е најголемата платформа за тргување со криптовалути во светот по обем, основана во 2017 година.

Во претходните години, компанијата беше под зголемен регулаторен притисок во неколку јурисдикции, вклучувајќи ги САД и Европа, првенствено поради проблеми со усогласеноста со правилата за спречување на перење пари и надзор на финансискиот пазар.