
„Катар Енерџи“ е подготвена брзо да го обнови производството на течен природен гас во објектот Рас Лафан, а неоштетените единици би можеле да достигнат полн капацитет во рок од еден месец. Сепак, целосното закрепнување на извозот на течен природен гас од Катар нема да зависи само од производството, туку пред сè од безбедното поминување на танкерите низ Ормутскиот теснец.
Според информирани извори, најголемиот проблем во моментов не е самото производство, туку транспортот и логистиката. По затворањето на Ормутскиот теснец и прекинот на сообраќајот на танкери, клучното прашање станува колку брзо бродовите можат да се вратат во регионот, да се закотват во пристаништата и да преземат товар.
„Проблемот е всушност транспортот и логистиката, а не толку производството“, изјави изворот за Ројтерс. Тој додаде дека клучното прашање е колку брзо можат да се донесат бродовите по отворањето на теснецот и колку брзо можат да се товарат.
Катарскиот сектор за течен природен гас претрпе сериозен удар во март, кога „Катар Енерџи“ објави дека 17 проценти од неговиот капацитет за извоз на течен природен гас е оштетен во иранските напади. Извршниот директор на компанијата, Саад ал-Каби, предупреди во тоа време дека поправките би можеле да траат од три до пет години.











