Македонија, Грција, Србија и Хрватска заеднички ќе инвестираат во Коридорот 10

Недвосмислена е посветеноста за унапредување на инфраструктурата во регионот и јасно се утврдија принципите и насоките дека заеднички ќе инвестираме во изградбата на железничкиот Коридор 10, порача заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, за време на учеството на самитот за инвестиции во транспортот „Обезбедување раст и конкурентност преку поврзување“, што се одржува денеска во Солун.

За ваквата заложба, како што истакна, говори и организацијата на самитот од страна на Европската Унија. Тој подвлече дека Унијата е претставена на највисоко ниво преку комесарот за транспорт и мобилност, Апостолос Цицикостас, а на највисоко ниво се присутни и претставници на владите на Македонија, Грција, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија.

Железничкиот Коридор 10, според оценката на Николоски, претставува иднина за развојот на трговијата и за напредокот на пристаништата во регионот. „Затоа ми е драго што, покрај нашата држава, и Грција, и Србија, и Хрватска дадоа јасна заложба дека ќе инвестираат во Коридорот 10, што уште повеќе ја истакнува важноста на нашата инвестиција во изградба на брза пруга што ќе оперира на Коридорот 10. Тоа е економски најдинамичен и најзначаен коридор и нешто што дополнително ќе ѝ носи бенефит и економска оправданост на Македонија“, изјави Николоски, кој беше говорник на панелот „Остварување на проширувањето на ТЕН-Т: Приоритети на инфраструктурата и инвестициски предизвици во Западен Балкан“, пренесе МИА.

Николоски потенцираше дека на Коридорот 10 веќе постои автопат од северната до јужната граница и дека се работи на негова модернизација. „Заедно со Светска банка работиме на воведување на интелигентни транспортни системи, проект којшто очекувам наскоро да започне да се имплементира, како и на подобрување и забрзување на системите коишто се поврзани со царина.

Кога сето ова ќе се согледа во целост, навистина денешниот ден е огромна порака дека регионот има перспектива и дека регионот ја задржува и ја надградува својата позиција. Македонија, особено, како крстосница на два паневропски коридори – Коридорот 8 и Коридорот 10, го добива своето геостратешко значење“, рече Николоски.

Во фокусот на самитот се имплементацијата на проширувањето на TEN-T, Коридорот Западен Балкан – Источен Медитеран и Планот за раст за Западен Балкан. Во присуство на меѓународните финансиски институции се разгледуваат начини за подобрување на координацијата на донаторите, зајакнување на подготовката на проекти, зголемување на учеството на приватниот сектор и претворање на приоритетите за поврзување во конкретни инвестиции.