
Продажбата на автомобили во Европската Унија се забави во мај, со силна побарувачка за електрифицирани модели и слаби резултати за бензинските и дизел моделите, покажаа податоците од Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).
Вкупно 955.000 нови возила се регистрирани во ЕУ во мај, што е за 3,2 проценти повеќе во однос на истиот месец минатата година. Податоците покажуваат забавување на продажбата во споредба со април, кога се зголеми за 5,1 процент.
Во групата на големите четири, Германија забележа стагнација, додека продажбата во Франција порасна за 3,7 проценти. Најдобар резултат забележа Италија, со зголемување на бројот на регистрирани нови возила за 7,6 проценти во споредба со минатогодишниот мај. Во Шпанија, продажбата се намали за 0,8 проценти.
Популарни хибриди
Хибридните електрични автомобили беа најпопуларниот погонски склоп во мај, со пазарен удел од 37,8 проценти, малку понизок во однос на претходниот месец. Продажбата се зголеми за 8,2 проценти, со регистрирани 359.000 возила.
Според дефиницијата на ACEA, групата вклучува „целосни и делумни хибриди“ кои, во зависност од моќноста на батеријата, можат да возат во просек до 62 проценти од времето само на електрична енергија.
Продажбата на електрични автомобили на батерии порасна најмногу во мај, за 42,9 проценти, со малку повеќе од 200.000 нови регистрации. Нивниот пазарен удел беше 20 проценти.
Продажбата на plug-in хибриди исто така значително се зголеми, за 12,2 проценти, со малку повеќе од 98 илјади регистрирани нови возила и пазарен удел од 9,7 проценти. Продажбата на бензински и дизел возила повторно беше намалена, за 20,1 и 19 проценти, соодветно. Бензинските автомобили имаа пазарен удел од 22,4 проценти, а дизел автомобилите имаа пазарен удел од 7,6 проценти, според податоците на ACEA.
Резултатите на кинеските компании ја одразуваат популарноста на целосно електричните и „електрифицираните“ возила, па продажбата на Leapmotor во мај се зголеми повеќе од пет пати, според проценките на ACEA. Chery продаде приближно три пати повеќе автомобили, а BYD речиси три пати повеќе отколку во мај минатата година. Tesla исто така забележа скок, со речиси три пати повеќе продадени возила отколку пред една година.











