
Огревното дрво останува најзастапен енергент за греење, а кај електричните уреди се издвојуваат клима-уредите инвертери и топлинските пумпи како поефикасни технологии за греење и догревање, објави Државниот завод за статистика.
Според податоците од Анкетата за потрошувачка на енергија во домаќинствата, во 2024 година просечната површина на живеалиштата изнесува 91.93 м², просечната површина која се загрева 49.99 м², додека просечниот број лица по домаќинство изнесува 3.04.
Во структурата на користени енергенти за греење, најголемо учество има дрвото како енергент, односно огревното дрво, дрвото од овошни насади и дрвените отпадоци прикажани како една категорија, со 38.2 %. Значително учество имаат и електричната енергија со 24.6 %, додека домаќинствата што користат два или повеќе енергенти како основен тип учествуваат со 18.6 %. Топлинската енергија од јавна котларница учествува со 10.8 %, додека пелетите и останатите енергенти имаат помало учество.
Податоците покажуваат дека кај електричните уреди за греење и догревање, домаќинствата сè повеќе се ориентираат кон клима-уредите инвертери, кои во 2024 година се најзастапени со 277 115 уреди.
Анкетата покажува зголемена употреба на машини за миење садови, машини за сушење алишта и микробранови печки, а истовремено и намалување на употребата на фрижидери со една врата и посебно длабоко замрзнување.
Податоците покажуваат и раст на користењето соларна енергија. Во 2024 година, 91 545 домаќинства имале инсталирано соларни колектори, а инсталираната површина изнесува 227 686 м2.
Во делот на енергетската сиромаштија, 10.6 % од домаќинствата изјавиле дека секогаш имаат финансиски тешкотии при плаќањето на сметките за електрична енергија или при набавката на енергенти за загревање, додека 40.0% изјавиле дека никогаш немаат такви тешкотии.
Во 2024 година:
- Просечно, загреваната површина изнесува 54.4 % од вкупната површина на живеалиштата
- Вкупната потрошувачка на дрво во домаќинствата изнесува 1 057 290 m³, односно 1 510 414 просторни метри
- Клима-уредите инвертери се најзастапени електрични уреди за греење и догревање, со вкупно 277 115 уреди
- Топлинските пумпи се прикажани како современа, енергетски ефикасна технологија за греење, со просечна загревана/догревана површина од 132.1 м² по уред
- 91 545 домаќинства имаат инсталирано соларни колектори











