Шефот на „Порше“ ја продава вилата по скандалот со приватниот тунел

Волфганг Порше, претседател на Надзорниот одбор на Порше АГ и еден од наследниците на семејната автомобилска империја, се откажа од контроверзниот проект за изградба на приватен тунел вреден околу 10 милиони евра, кој требаше да води до неговата вила во Салцбург. По месеци критики од јавноста, тој одлучи да го стави луксузниот имот на продажба.

Во 2020 година, Порше купи историска вила од 17 век, позната како Пашингер Шлесл, која се наоѓа на ридот Капуцинерберг над Салцбург, за 8,4 милиони евра. Минатата година, тој доби дозвола за изградба на приватен тунел долг околу 500 метри, преку кој можеше директно да пристапи до подземната гаража со осум паркинг места до вилата од јавната гаража во центарот на градот.

Проектот предизвика силни реакции во Австрија, каде што критичарите го нарекоа „тунел за еден“, гледајќи го како симбол на растечката социјална нееднаквост во градот кој истовремено се соочува со недостиг на домување и високи кирии.

Недвижен имот на продажба со „бонус“ одобрен тунел
Откако го напушти проектот, Порше ја стави вилата на пазарот за 12,7 милиони евра, речиси 50 проценти повеќе отколку што плати за неа пред пет години. Посебната вредност на недвижниот имот, според огласот за продажба, е тоа што веќе е добиена дозвола за изградба на приватен тунел и подземна гаража. Идниот сопственик ќе може да го реализира проектот, но само ако ја започне работата пред да истече градежната дозвола на крајот од 2028 година. Порше плати 48.000 евра за лиценцата, пишува „Гардијан“.

Контроверзноста беше предизвикана не само од луксузните планови на сопственикот на Поршето, туку и од самата историска важност на имотот. Вилата некогаш беше дом на австрискиот писател Стефан Цвајг, кој живеел таму до 1934 година, кога бил принуден да го напушти Салцбург поради прогонот од австрофашистичкиот режим.

Цвајг ја опиша куќата како „романтична и непрактична“, нагласувајќи дека една од нејзините најголеми вредности е токму фактот што до неа може да се стигне само пеш, со искачување на повеќе од сто скали. Дел од јавноста со години се залага вилата да стане музеј посветен на писателот, но градоначалникот на Салцбург, Бернхард Ауингер, изјави дека градот нема финансиски средства да ја купи.

Јавниот простор не смее да служи за приватен луксуз
Противниците на проектот веруваат дека токму градежната дозвола значително ја зголемила пазарната вредност на вилата. Затоа, Зелената партија бара од градот да го повлече одобрението за изградба на тунелот.

„Не може да се прифати јавното земјиште да се користи за шпекулации со недвижности. Правилата мора да важат подеднакво за сите, а не само за оние кои можат да си дозволат приватен тунел“, рече Ингеборг Халер од австриските Зелени. Еден од најпознатите слогани за време на минатогодишните протести гласеше: „Град за сите, а не тунел за еден“.
Менаџерот за недвижности на „Порше“ потврди дека вилата е ставена на продажба, но не објасни зошто проектот е напуштен. Јавната дискусија за тунелот ја опиша како „дебата водена од завист“, додека портпаролот на семејството рече дека нема да дава дополнителни коментари за целиот случај.