Русија воведува мерки за стабилизација на пазарот на гориво

Рускиот претседател Владимир Путин  изјави дека е неопходно да се воведат системски мерки за стабилизирање на домашниот пазар на гориво, вклучително и зголемување на понудата и одржување економски оправдани цени, заедно со мерки за зајакнување на контролата и обезбедување снабдување.

На состанокот посветен на обезбедување гориво за домашниот пазар, Путин рече, како што јави РИА Новости, дека дел од претходно формираните резерви се веќе пуштени во оптек и дека моментално изнесуваат околу 1,7 милиони тони, што, како што рече, е приближно на нивото од истиот период минатата година.

Тој посочи дека капацитетите на рафинериите работат на максимално ниво и дека во јули се очекува поголемо производство на главните видови гориво во однос на јуни.