
Додека се подготвува за својата 25-та титула од Гренд слем на Вимблдон, Новак Ѓоковиќ презеде и нова деловна улога надвор од тенискиот терен. Еден од најголемите приватни инвестициски фондови во светот, General Atlantic, го назначи српскиот тенисер за глобален стратешки советник.
Како што објави компанијата, Ѓоковиќ ќе соработува тесно со менаџментот на фондот, компаниите од нивното портфолио и инвеститорите, пренесувајќи ги своите искуства во областа на лидерството, отпорноста и иновациите.
„Новак ќе донесе перспектива што ја одразува нашата посветеност на совршеност“, се вели во соопштението.
Зошто Новак?
Ваквата соработка не е големо изненадување. Во последниве години, Ѓоковиќ е сè поактивен како инвеститор во компании за здравје и благосостојба.
Во 2023 година, тој инвестираше во компанијата Waterdrop, која произведува иновативни пијалоци за хидратација. Потоа, во 2024 година, заедно со партнерите, го лансираше својот бренд додатоци во исхраната SILA, додека минатата година учествуваше во основањето на Cob Foods, компанија специјализирана за здрави грицки. Претходно инвестираше и во компанијата Incrediwear, позната по своите производи за закрепнување на спортисти.
Според „Блумберг“, токму мрежата на контакти и искуството на Ѓоковиќ во здравствената индустрија ќе му помогнат на „Џенерал Атлантик“ дополнително да го прошири своето присуство во тој сектор.
Зголемен фокус на спортот
Од друга страна, „Џенерал Атлантик“ интензивно инвестираше во спортот во последните години. Во последните две години, фондот инвестираше во фудбалски клуб, спортски стадион и агенција за спортски медиуми, а сега сака дополнително да го зајакне своето присуство во професионалниот спорт.
Фондовите за приватен капитал покажаа зголемен интерес за тенисот во последните години, а „Џенерал Атлантик“ е еден од најновите големи играчи што влегоа на пазарот.
Извршниот директор на фондот изјави за „Блумберг“ дека Ѓоковиќ има „многу јасни ставови за тоа како професионалниот тенис би можел да се развива и да се менува во иднина“, додавајќи дека „постојат бројни можности“ во таа област. Новата советничка позиција покажува дека Ѓоковиќ, иако сè уште активно игра на највисоко ниво, сè посериозно гради и бизнис кариера, која би можела да добие уште поголемо значење по завршувањето на неговата тениска ера.











