
Поради повисоките расходи за одбрана, инвестициите на германската држава се зголемија најмногу од почетокот на милениумот. Бруто инвестициите минатата година изнесуваа 147,5 милијарди евра.
Тоа е за 12,3 проценти, или 16,2 милијарди евра повеќе отколку во 2024 година, објави Федералниот завод за статистика. Ова беше најголемото зголемување на државните инвестиции од 2000 година.
Поради статистичките ефекти од железничката реформа и одвојувањето на подружниците на Германските железници во 1999 година, беше забележан малку поголем раст од 14 проценти, пишува ДПА.
Причина за силниот раст во 2025 година беше големиот скок на државните инвестиции во опрема, кои се зголемија за речиси половина, односно за 47,7 отсто.
Статистичарите наведуваат дека тоа е последица на повисоките трошоци за системи за оружје и други набавки од страна на Бундесверот, германската армија.
Дополнителните можности за задолжување за одбрана и инвестиции преку специјални фондови почнаа да даваат резултати, изјави Себастијан Далиен, научен директор на Институтот за макроекономија и конјуктурни истражувања на фондацијата Ханс Беклер.
Во 2025 година, државните бруто инвестиции во основни средства сочинуваа речиси една шестина или 16,3 отсто од вкупните бруто инвестиции во основни средства во Германија, кои изнесуваа 907,8 милијарди евра.
Најголем државен придонес е забележан во градежните инвестиции, со нешто повеќе од 17 проценти.
Сепак, државните градежни инвестиции се зголемени за само два отсто во однос на 2024 година, многу послабо од претходните години, велат статистичарите.
Владата мора да се погрижи дополнителното задолжување од специјалните фондови да го насочи во нови инвестиции, рече Дулијен.
Проценките покажуваат дека значителен дел од средствата отишле за други цели, како што се намалувањето на ДДВ во угостителската индустрија, пензијата за мајчинство или намалувањето на данокот на добивка од претпријатија.
И покрај значително зголемените инвестиции, Германија е полоша од просекот на Европската Унија. Уделот на државните бруто инвестиции во бруто домашниот производ минатата година изнесувал 3,3 проценти, додека просекот на ЕУ е 3,9 проценти.
Во Холандија тој удел бил 3,5 проценти, во Италија 3,8 проценти, во Австрија 3,9 проценти, во Франција 4,5 проценти, а во Полска 5,4 проценти. Естонија била на врвот меѓу 27-те членки на ЕУ со удел од 7,6 проценти.











