ТАВ инвестираше милион евра на скопскиот аеродром: Нема повеќе вадење лаптопи и течности при контролата на багажот

Меѓународниот Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на Групацијата АДП инвестираше 1 милион евра во 2 два нови уреди за напреден безбедносен преглед на рачен багаж со компјутерска томографија, заедно со две нови автоматизирани ленти, производство на британската компанија Смитс Детекшн.

Оваа најсовремена опрема ќе ги унапреди безбедносните стандарди, ќе ја зголеми ефикасноста на безбедносните проверки и ќе овозможи побрз проток на патници во согласност со најновите европски и меѓународни стандарди.

Со оваа технологија, ТАВ Македонија го позиционира Меѓународниот Аеродром Скопје покрај големите европски центри како што се Франкфурт, Хитроу и Цирих, каде што овие системи веќе се стандардни. Истите уреди се користат и на водечките аеродроми во САД, Израел и Индија, што ја потврдува нивната сигурност и глобално прифаќање.

Што значи ова во пракса?

Прво, поголема безбедност. Овие системи обезбедуваат многу поголема прецизност во откривањето на потенцијални закани и значително ја намалуваат потребата од дополнителни физички проверки. Второ, подобро искуство за патниците. Безбедносната контрола ќе биде побрза, времето на чекање ќе биде пократко, а удобноста ќе биде поголема. За разлика од порано, патниците повеќе нема да треба да вадат лаптопи, таблети, мобилни телефони и течности од својот рачен багаж – овие предмети можат да останат во торбата за време на процесот на проверка.  Трето, поголем капацитет на аеродромот. Новата технологија ни овозможува да обработиме до двојно повеќе патници на час по линија. Ова е клучно за справување со растечкиот сообраќај, особено во шпицот на сезоната“ изјави генералниот директор на ТАВ Македонија.

Тој додаде дека овој проект е дел од поширок инвестициски циклус насочен кон понатамошно зајакнување на безбедноста на аеродромот преку континуирани надградби на системите и персоналот.

„Овој проект е дел од поширок инвестициски циклус во безбедноста на Меѓународниот Аеродром Скопје. Минатата година имплементиравме два дополнителни големи проекти во вкупна вредност од 1.930.000 евра кои дополнително го зајакнуваат нашиот безбедносен систем.

Првиот е целосно нов систем за видео надзор, кој значително ја зајакнува нашата способност за спречување, откривање и брзо реагирање на безбедносни инциденти, со цел максимална заштита на патниците, вработените и инфраструктурата.

Вториот е современ систем за обука, тестирање и сертификација на безбедносниот персонал, кој обезбедува континуиран професионален развој преку реални симулации и современи методи на евалуација, целосно усогласени со највисоките меѓународни стандарди“ рече генералниот директор на ТАВ Македонија.

Со овие инвестиции, ТАВ Македонија јасно ја потврдува својата стратешка определба – да создава модерен, безбеден и конкурентен аеродром кој ги исполнува и надминува европските стандарди.

Компанијата ќе продолжи да инвестира во технологии, инфраструктура и услуги кои го унапредуваат квалитетот на патувањето и ја зацврстуваат позицијата на Меѓународниот Аеродром Скопје како современ регионален воздухопловен центар.