
Турскиот министер за финансии Мехмет Шимшек денес изјави дека Турција аплицирала за приклучување кон Единствената европска зона за плаќања (SEPA), заедно со низа други економски реформи насочени кон зајакнување на интеграцијата со ЕУ.
За време на економскиот дијалог меѓу Турција и Европската Унија во палатата Долмабахче, на заедничка прес-конференција со европскиот комесар за економија, Валдис Домбровскис, Шимшек изјави дека Турција испратила писмо со намера до Европскиот совет за плаќања за пристап до системот SEPA, кој овозможува побрзи, поевтини и побезбедни прекугранични трансфери во евра, објави Би-Би-Си.
SEPA, која функционира во рамките на Европската Унија и пошироката европска финансиска мрежа, овозможува стандардизирани плаќања во евра помеѓу земјите-членки и придружните земји, вклучувајќи ги и одредени држави кои не се во ЕУ, но учествуваат во европските финансиски системи.
Шимшек изјави дека приклучувањето кон SEPA системот значително ќе ги намали трошоците за меѓународни трансакции за граѓаните и компаниите во Турција, каде што во моментов се плаќаат провизии од 15 до 200 евра за испраќање евра во странство, додека во рамките на SEPA системот ваквите плаќања би биле значително поевтини или бесплатни.











