
Претседателот на Синдикатот за градежништво и дел од ССМ, Иван Пешевски се огласи на социјалните мрежи во врска со исплатата на К-15. Тој им порача на работодавачите дека минимален износ на регрес за годишен одмор во приватен сектор е најмалку 19.115 денари, односно 40% од просечната нето-плата во последните три месеци. Во јавен сектор изнесуваа 13.559 денари односно 30% од просечната нето-плата за претходната година.
„Бидејќи се жалите дека нема работници, дајте 100% регрес…нема да осиромашите, а уште помалку да затворите, бидејќи гледаме какво конто имате со неколку вработени. За тие со повеќе од 50 вработени воопшто не дискутирам дека можат и цел износ на регрес и 13-та плата. Не се работниците непродуктивни, вие сте „скржави” затоа што нема држава да ве мавне по капа. Мава само по џебот на граѓаните!
П.С. На држава мислам на државни институции и Влада.
П.П.С. Регрес се дава пред годишни одмори, не за прослава пред Нова година. Имајте мирно и безбедно лето!“, напиша тој.
Сумата е пресметана врз основа на просечните нето-плати за февруари, март и април 2026 година, кои изнесуваат 46.159, 48.433 и 48.779 денари. Просечната вредност е околу 47.790 денари, а согласно колективниот договор минималниот К-15 изнесува 40% од таа основица.
Право на К-15 имаат вработените кои имаат најмалку 6 месеци непрекината работа кај истиот работодавач во текот на календарската година.
Работодавците од приватниот сектор кои нема да им исплатат регрес за годишен одмор на своите вработени, односно К-15, треба да се подготвени да платат казна и до 4.000 евра.














