Лидерите на ЕУ признаа дека EEС има „технички проблеми“: Што велат авиокомпаниите, а што вели Комисијата?

Откако EES стана задолжителна, „времето на чекање на граничната контрола значително се зголеми и сега достигнува до пет часа во периодите на најголем сообраќај“, изјавија претставници на аеродромите и авиокомпаниите.

Новиот дигитален систем за влез/излез (EES) на Европската Унија се соочува со технички проблеми, призна претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Работиме со земјите-членки за да ги решиме“, рече таа за време на нејзината посета на Ирска.

За потсетување, системот подразбира дека граѓаните на земјите што не се членки на ЕУ,  по влегувањето во Унијата мора да поминат низ специфична гранична контрола со скенирање на отпечатоци од прсти и фотографирање на лицето. Истото се случува и при напуштање на ЕУ.

Сепак, новите контроли предизвикуваат загриженост иако постепено се воведуваат. Проблемите се поизразени со зголемувањето на воздушниот сообраќај за време на многу прометната летна туристичка сезона.

Аеродромите и авиокомпаниите го обвинија EES за чекањата со часови, прекините во работата и бројните пропуштени летови, особено кога патниците мора да се префрлат.

„Сè уште имаме многу работа да направиме за да ги решиме овие технички проблеми заедно со земјите-членки“, рече фон дер Лајен.

Нејзините изјави означуваат промена во тонот за Комисијата, која претходно ги минимизираше проблемите што ги донесе EES.

„На повеќето аеродроми во ЕУ, тоа влијание е навистина ограничено“, рече Маркус Ламерт, портпарол на Комисијата за внатрешни работи.

Комисијата претходно оваа година изјави дека регистрацијата за влез или излез обично трае околу 70 секунди.

Сепак, авиоиндустријата има сосема поинаков став.

Откако EES стана задолжителен, „времето на чекање на граничната контрола значително се зголеми и сега достигнува до пет часа во периодите на шпиц на сообраќај“, изјавија во отворено писмо европското здружение на аеродроми „ACI Europe“ и авијациските групи IATA и „Airlines for Europe“.

„Доцнењата влијаат на милиони патници кои влегуваат во Шенген зоната… Во исто време, аеродромите и авиокомпаниите се соочуваат со зголемени оперативни прекини, вклучувајќи доцнења на летови, пропуштени врски и зголемен притисок врз персоналот на првата линија“, рекоа трите организации.

Претставниците на авиокомпаниите и аеродромите ја повикаа Комисијата да им овозможи на земјите поголема флексибилност и целосно да го суспендира EES каде што е потребно, „барем во текот на јули и август“.

Системот EES е дизајниран да спречи пречекорување на дозволениот престој и употреба на фалсификувани патни документи, а ги заменува печатите за пасоши со дигитален запис. Регистрацијата може да се забрза преку киосци за самопослужување или специјални апликации за претходна регистрација.

Сепак, кога системот стана задолжителен на 10 април, граничните службеници на големите центри како што е аеродромот Фјумичино во Рим сè уште внесуваа податоци рачно. Досега, само Шведска и Португалија активираа апликации насочени кон забрзување на обработката на патниците.

Неколку аеродроми и пристаништа привремено го суспендираа собирањето биометриски податоци во текот на шпицот на патувањето за да се намали застојот.

Комисијата смета дека EES ја штити безбедноста на ЕУ
Комисијата го бранеше системот посочувајќи ги неговите безбедносни предности. Помеѓу октомври минатата година, кога беше лансиран системот, и април, „повеќе од 700 луѓе се идентификувани како безбедносен ризик за Европа“.

Ирскиот министер за внатрешни работи Џим О’Калаган рече дека тој број оттогаш се зголемил на „околу илјада“, додавајќи дека околу 110 милиони патници поминале низ контролите на EES откако е воведен системот.

„Системот е ефикасен во заштитата на безбедноста на Европската Унија“, рече ирскиот политичар.