Саудиска Арабија нуди нафта со попуст

Саудиска Арабија ја намали цената на својата  сурова нафта за купувачите во Азија и ја понуди со попуст за прв пат од ценовната војна во 2020 година, во услови на пораст на глобалната понуда и посилна конкуренција меѓу производителите.

Државната компанија Сауди Арамко ја намали официјалната продажна цена на нафтата „Араб лајт“ за испораките следниот месец за 11 долари за барел, што е за 1,50 долари под регионалната референтна цена, според извештаите објавени вчера.
Ова е најголемото месечно намалување на официјалните продажни цени откако се чуваат споредливи податоци, односно од најмалку 2000 година, објавува Блумберг.

Намалувањето дојде по привремениот договор меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, кој им овозможи на производителите од Персискиот Залив да го зголемат извозот преку Ормутскиот теснец, што дополнително ја зголеми понудата на светскиот пазар.

„Арамко“ ги намали цените на нафта за клиентите во Европа за 15 долари за барел, додека за американскиот пазар ги намали цените за 8 долари за барел.

Аналитичарите проценуваат дека ова намалување не е знак за нова ценовна војна, туку последица на нормализацијата на испораките преку Ормутскиот теснец и потребата производителите да останат конкурентни на пазарот, особено во обид да се стимулира поголема побарувачка од Кина, пренесува Танјуг.