
Шпанија веројатно ќе го премине симболичниот праг од 100 милиони странски туристи оваа година, според Министерството за индустрија, енергетика и туризам.
Бројот на странски туристи во Шпанија достигна 96,8 милиони во 2025 година, што е веќе рекорд и зголемување од 3,2 проценти во споредба со претходната година, пренесува Бета.
Шпанија, втората најпосетувана земја во светот по Франција, смета на последиците од конфликтот на Блискиот Исток за да привлече уште повеќе посетители, пишува Ројтерс.
„Веројатно ќе достигнеме (100 милиони) ако продолжи овој тренд. Тоа би бил природен исход“, рече Министерството.
Шпанската влада проценува дека туристите ќе придонесат 64 милијарди евра во економијата меѓу јуни и септември, што е зголемување од десет отсто во споредба со истиот период во 2025 година. Ова треба да ја зајакне улогата на туризмот како клучен двигател на економскиот раст на земјата.
Се очекува дека меѓу јуни и септември во Шпанија ќе има околу 43 милиони меѓународни туристи, што е за шест отсто повеќе од истиот период минатата година.
Владата предвидува пораст на бројот на туристи, слично на пролетта, бидејќи геополитичката неизвесност поврзана со конфликтот во Иран ја зголемува побарувачката за европските дестинации.
Во последните месеци, немирите на Блискиот Исток ги одвратија некои патници од дестинациите во регионот и ја зголемија побарувачката за јужните медитерански земји.











