Европа развива свој хуманоиден робот

Поранешен научник на Тесла, кој работеше на развојот на хуманоидниот робот Оптимус, презентираше планови за производство на лесен хуманоиден робот наменет за фабрики, логистички магацини и домаќинства.

Реми Кадене, извршен директор и еден од основачите на парискиот стартап UMA, изјави дека нивниот робот Нортстар, напојуван од вештачка интелигенција, ќе биде насочен кон европскиот пазар во првата фаза и дека компанијата веќе разговара со околу 50 потенцијални клиенти за можни начини на негова примена.

„Трошоците за работна сила се многу високи, а со оглед на демографските трендови, побарувачката ќе биде значителна“, рече Каден, алудирајќи на стареењето на населението во Европа, според Блумберг.

Каден им покажа на новинарите во седиштето на UMA раниот прототип на роботот Northstar, демонстрирајќи ја неговата рамнотежа и реагирање со нежно поттикнување со стап.

Компанијата планира до крајот на годината да претстави функционален прототип, кој наместо ногарки ќе има тркала и ќе биде покриен со флексибилен надворешен слој кој Каден го споредува со работен костум. Целта е да се направи роботот што е можно полесен – околу 40 килограми – за да може безбедно да соработува со луѓето.

Инвеститорите сè повеќе инвестираат во роботи со вештачка интелигенција за да помогнат во автоматизирањето на индустриските процеси во услови на намалена работна популација. Компании како Tesla и Figure AI финансираат проекти кои користат напредок во вештачката интелигенција за да ги подобрат можностите на роботите. Во исто време, значителни инвестиции привлекуваат и европски стартапи, вклучувајќи ги француските Genesis и германските Neura Robotics.

Експертот за машинско учење Каден го основа UMA пред девет месеци заедно со поранешниот истражувач на Google DeepMind, Пјер Серманет, поранешниот инженер на платформата Hugging Face, Сајмон Алиберт и хардверскиот дизајнер Роб Најт.

Стартапот моментално вработува околу 30 луѓе во Париз, Лондон и Швајцарија. Советник на компанијата е пионерот на вештачката интелигенција Јан ЛеКун, додека инвеститори се францускиот технолошки милијардер Ксавиер Нил и поранешниот Формула 1 возач Нико Розберг.