
Цените на нафтата пораснаа откако САД повторно го нападнаа Иран како одмазда за нападот на Техеран врз трговските бродови во Ормутскиот теснец.
Терминските договори за нафтата West Texas Intermediate за испорака во август пораснаа за 2,87 проценти, на 72,46 долари по барел. Терминските договори за меѓународната референтна нафта Brent за испорака во септември пораснаа за 2,75 проценти, на 76,18 долари по барел.
Американската војска соопшти дека започнала серија жестоки напади врз Иран откако во вторникот беа нападнати три комерцијални брода што минуваа низ Ормутскиот теснец, предупредувајќи дека Техеран ќе се соочи со високи трошоци за напад на комерцијален брод.
„Нашите напади се одговор на иранските напади врз три комерцијални брода што минуваа низ Ормутскиот теснец. Агресијата на Иран беше неоправдана, опасна и јасно кршење на прекинот на огнот“, соопшти Централната команда на САД во објава на социјалната мрежа X.
Овие напади го загрозуваат кревкото примирје постигнато минатиот месец, со кое повторно се отвори Ормутскиот теснец, кој е клучен за комерцијалниот превоз.
Фактот дека ситуацијата се влошила го покажува и одлуката на Министерството за финансии на САД, кое вчера го повлече исклучокот што му дозволи на Иран да продава нафта.
Три брода беа нападнати вчера во или во близина на Ормутскиот теснец, според Заедничкиот поморски информативен центар предводен од САД, кој ја зголеми својата проценка на заканата за бродовите што минуваат низ водниот пат, предупредувајќи дека е веројатна понатамошна непријателска акција од страна на Иран.
„Иран нема интерес да постигне договор бидејќи нивното влијание врз Трамп само се зголемува како што се приближува ноември, иако вчерашните напади се совпаднаа со тековните државни погребни церемонии за Али Хамнеи“, рече Ендру Џексон, стратег во „Ортус Адвајзорс“.
Среднорочните избори во САД ќе се одржат во ноември, а инфлацијата предизвикана од конфликтите на Блискиот Исток би можела да влијае на администрацијата на Трамп, објавува CNBC.











