Уникредит го зголеми уделот во Комерцбанка, преземањето е сè поизвесно

Италијанската банка „Уникредит“ денес објави дека дополнително го зголемила својот удел во германската „Комерцбанка“, приближувајќи ја до мнозинско сопствеништво и зголемувајќи ја можноста за најголемото банкарско преземање во Европа во последните години.

Банката со седиште во Милано изјави дека нејзината понуда за откуп била прифатена од акционерите кои заедно поседуваат околу 17,6 проценти од акциите на Комерцбанка, објави Виршафтсвое.

„Уникредит“ претходно стекна удел од 26,77 проценти, така што сега директно контролира малку повеќе од 44 проценти од акциите на германската банка.

Покрај тоа, италијанската банка има пристап до дополнителен пакет од повеќе од три проценти акции преку опции за купување акции и други финансиски инструменти, така што нејзиниот вкупен потенцијален удел во Комерцбанка надминува 47 проценти.

Уникредит сега може да продолжи да купува акции на Комерцбанка на берзата, но сите понатамошни аквизиции ќе бидат внимателно следени од регулаторите. Конечното преземање ќе бара одобрение од банкарскиот надзор на Европската централна банка, како и од регулаторот за конкуренција на Европската комисија.
Извршниот директор на „Уникредит“, Андреа Орсел, сака да создаде една од водечките европски финансиски групации што би можела да се натпреварува со големите американски банки преку спојување на двете банки.