Пежо најавува голем пресврт: Во октомври ја открива иднината на брендот

На овогодинешниот Саем за автомобили во Париз, кој се одржува во октомври, „Пежо“ ќе претстави два нови концепт автомобили кои ќе го најават идниот дизајнерски правец и технологиите на производителот.

Извршниот директор Ален Фав истакна дека концептите „ќе откријат многу за иднината на брендот „Пежо“. Првиот човек на компанијата не сакаше да даде дополнителни детали, но нагласи дека новите концепти ќе ја покажат насоката во која ќе се развива дизајнот на „Пежо“, потпирајќи се на богатата историја на брендот.

„Нашето наследство е многу важно за нас, но не поради минатото, туку затоа што ни дава инспирација за иднината. Тоа ќе го покажеме на Саемот за автомобили во Париз“, рече Фав.

Во претходните години, „Пежо“ често црпеше инспирација од својата историја. Меѓу најпознатите концепти се издвојуваат E-Legend, модерна интерпретација на легендарниот модел 504 Coupe од шеесеттите години, како и поновиот Polygon, кој го најавува идниот e-208 и наоѓа инспирација во иконскиот Peugeot 205.

Во исто време, Фејв ги негираше гласините дека новата генерација на електричниот модел e-208 ќе биде претставена во Париз. Наместо тоа, втората генерација на овој градски модел ќе биде претставена во втората половина од следната година на специјален настан организиран непосредно пред почетокот на продажбата, објавува Autocar.

Новите концепт автомобили треба да покажат како Peugeot планира целосно да ја освежи својата моделска гама во наредните години и значително да го зголеми своето присуство на глобалниот пазар.

Компанијата сака да продава 1,5 милиони автомобили годишно до 2030 година, во споредба со околу 1,1 милиони испорачани минатата година. За да ја постигне оваа цел, Peugeot ќе воведе дури седум нови модели во текот на следните четири години, од кои повеќето ќе претставуваат нови генерации на постоечки автомобили.

Сè уште не е познато дали концептите во Париз директно ќе ги најават некои од овие идни автомобили.