
Во првите шест месеци од оваа година, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид опслужија 1.955.648 патници, што е зголемување од 28 проценти во однос на истиот период лани и реализираа 13.167 летови, што е раст од 7,6 проценти.
Само во јуни, скопскиот и охридскиот аеродром заедно имале за 15,6% повеќе патници (374.714) во однос на истиот период лани.
– Растот од 28 проценти на бројот на патници во првите шест месеци од 2026 година претставува извонреден резултат и јасна потврда дека македонските аеродроми се наоѓаат на патека на силен и одржлив развој. Во воздухопловната индустрија, двоцифрен раст на патничкиот сообраќај е показател за успешна стратегија, зголемена доверба од патниците и атрактивност како дестинации за авиокомпаниите. Фактот што Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид заедно опслужија речиси два милиона патници за само шест месеци, истовремено бележејќи и раст од 7,6 проценти на бројот на летови е резултат на нашата посветеност за развојот на воздушната поврзаност, континуираното унапредување на услугите и успешната соработка со нашите партнери. Остануваме фокусирани на создавање нови можности за раст, проширување на мрежата на дестинации и обезбедување квалитетно патничко искуство, со цел македонските аеродроми да продолжат да ги надминуваат очекувањата и во наредниот период, вели Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Полугодишните статистички податоци на ТАВ Македонија покажуваат дека во првите шест месеци најфрекфентна дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје е Истанбул (двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 14,2 проценти пазарен удел), а потоа следат Минхен Меминген (4,5 проценти), Базел Милуз (4,4 проценти), Дортмунд (4,1 проценти), Цирих (4 проценти) и Франкфурт (3,9 проценти).
Топ-пет земји до кои има најмногу директни летови од Скопје се Германија (28,5 проценти пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Турција (18 проценти), Швајцарија (9,3 проценти), Италија (8,2 проценти) и Шведска (5,8 проценти).
Ако се разгледуваат бројките за Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле одделно, скопскиот аеродром има годишен висок пораст за 28,6 проценти и во првите шест месеци годинава преку него се превезени вкупно 1,833,010 патници. Во истиот период, на овој аеродром биле реализирани 12,260 летови што е за 6,5 проценти повеќе споредено со истиот период лани. Охридскиот аеродром бележи пораст од високи 18,2 проценти со превезени 122,638 од јануари до јуни. Во овој период, биле реализирани 907 летови што е зголемување за 26 проценти.
Фото: ТАВ










