
Автомобилската групација „Стелантис“ денес објави дека испорачала околу 1,6 милиони возила во вториот квартал од 2026 година, што претставува зголемување од 10 проценти во споредба со истиот период минатата година.
Најголем придонес кон растот дојде од Северна Америка, каде што испораките се зголемија за дури 38 проценти, на 445.000 возила, благодарение на лансирањето на нови модели и ажурирани верзии на постојните автомобили, објавува „Соле 24 Оре“.
Дополнително, на пазарот на проширена Европа, кој ги вклучува Европската Унија, Велика Британија и други европски пазари, испораките на „Стелантис“ се зголемија за пет проценти на годишно ниво на 762.000 возила.
Особено значаен придонес кон европскиот раст имаа испораките на целосно електрични возила (BEV), кои имаа најголемо влијание врз зголемувањето на вкупните резултати.
Меѓу моделите што најмногу придонесоа за европскиот раст беа автомобилите базирани на платформата Smart Car, вклучувајќи го и Fiat Grande Panda.











