
Директорот Гоце Димовски денес имаше средба со Аврам Стојчевски, генерален директор на компанијата ВДЛ Бус Македонија. На средбата се разговараше за тековните активности на компанијата, реализирањето на третата фаза од инвестицијата која ќе изнесува повеќе од 5 милиони евра, со нови 150 висококвалификувани работни места во рамките на ТИРЗ Скопје 2.
Димовски нагласи дека Дирекцијата за ТИРЗ останува посветен партнер на компаниите кои веќе инвестираат во земјата, преку навремена институционална поддршка и активно следење на нивните потреби. Тој истакна дека токму постојните инвеститори претставуваат најсилен показател за квалитетот на деловното окружување, а нивното проширување е важен сигнал за довербата во домашната економија.
На средбата беше разгледан планот за реализација на третата фаза од инвестицијата, која предвидува производство на нов модел на автобус. Дополнително, беше потврдена заложбата за продолжување на конструктивна соработка, со цел создавање услови за успешна реализација на овој инвестициски циклус, натамошен развој и зајакнување на конкурентноста на домашната економија.
Инаку, компанијата во април годинава од ВДЛ Ван Хоол Македонија се преименува во ВДЛ Бус Македонија, со што истата започна нова развојна фаза во своето работење. Промената е дел од поширокиот процес на трансформација и развој на компанијата, со фокус на понатамошно унапредување на производствените активности и зајакнување на нејзината позиција во автомобилската индустрија.













