
Оваа мала прекрасна земја е прогласена за најпосетуван остров во Европа во однос на бројот на жители. Според најновите податоци, има дури седум туристи по жител, додека во текот на сезоната се евидентираат десетици илјади ноќевања на квадратен километар.
Малта уште еднаш потврди дека е една од најбараните туристички дестинации во Европа.
Според истражувањето на платформата BookRetreats, врз основа на податоци од Европската комисија, оваа медитеранска островска земја бележи најголем број туристи во однос на бројот на жители, оставајќи зад себе многу познати европски дестинации.
Статистиката покажува дека на секој жител на Малта има дури седум посетители, што ја рангира оваа земја меѓу европските лидери кога станува збор за интензитетот на туристичките пристигнувања. Особено е интересно што сето ова се случува на територија од само 316 квадратни километри.
Илјадници ноќевања на секој квадратен километар
Малата површина на земјата дополнително го нагласува обемот на туристичкиот промет. На Малта се евидентирани повеќе од 38.700 ноќевања на квадратен километар, што претставува најголема концентрација на туристички престој меѓу европските острови.
Во текот на летните месеци, најголемите гужви се во главниот град Валета, како и во популарните приморски градови Слиема и Сент Јулијан. Големиот број гости во шпицот на сезоната става дополнителен товар врз сообраќајот, јавниот превоз, плажите и другата инфраструктура.
Туризмот останува двигател на економијата
За разлика од некои европски дестинации кои воведуваат мерки за ограничување на прекумерниот број посетители, Малта сè уште го смета туризмот за еден од клучните столбови на економскиот развој.
Владините планови предвидуваат дека до крајот на следната деценија бројот на туристи ќе достигне околу 4,5 милиони годишно. Туристичкиот сектор ѝ носи на земјата милијарди евра приходи и е една од најважните економски гранки, но експертите предупредуваат дека понатамошниот раст ќе бара внимателно балансирање помеѓу развојот на туризмот, зачувувањето на природните ресурси и квалитетот на животот на локалното население.
Фото: Pixabay











