Охридските угостители: Цените не се високи, проблем е слабата куповна моќ на домашните туристи

Летната туристичка сезона во Охрид е во полн ек, плажите се полни, во градот има голема раздвиженост, а во угостителските објекти речиси и да нема место. И годинава една од главните теми меѓу туристите се цените на услугите. Домашните гости велат дека летувањето во Охрид во последните години станува сè поскапо, а со слични впечатоци се и дел од странските туристи за кои градот важи за една од поевтините балкански дестинации.

На социјалните мрежи, дел од граѓаните реагираат дека цените во охридските угостителски објекти се превисоки. Кафето во зависност од локацијата и видот се движи од 150 до 250 денари, пивото од 150 до 300 денари, а свежо цедените сокови од 200 до 300 денари.

Охридските угостители објаснуваат дека цените се резултат на зголемените трошоци за работење. Според нив, во изминатиот период значително се зголемени кириите, трошоците за набавки и цената на работната сила, што се одразува и врз крајните цени за гостите.

Велат дека цените на услугите во Охрид не отстапуваат значително од цените во останатите туристички центри во Македонија, а разликите, според нив, се минимални. Проблемот, како што посочуваат, повеќе се должи на намалената куповна моќ на граѓаните.

Од барот на плажата „Куба Либре“ за „Локално“ велат дека цените се коригираат исклучиво во согласност со зголемувањето на набавните трошоци, а не поради сезоната.

-Цените во угостителските објекти во Охрид се исти како и секаде во Македонија, плус-минус 10 денари. Проблем е куповната моќ на домашните туристи. Ние ги корегираме цените во зависност од зголемувањето на набавните цени. Пивото се движи од 160 до 180 денари, во зависност од видот, кафето е од 100 до 120 денари, а водата 90 денари. Сепак, треба да се има предвид дека станува збор за туристичко место и нормално е во летниот период цените да бидат повисоки“, велат од „Куба Либре“.

Според угостителите, главниот предизвик оваа сезона е да се воспостави баланс меѓу зголемените трошоци за работење и очекувањата на гостите. Тие сметаат дека задржувањето на стабилни цени, квалитетната услуга и прилагодувањето кон потребите на туристите се клучни за одржување на конкурентноста на Охрид како летна дестинација.