
Новиот директор за стратегија на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристијан Мамсен, ги повика владите ширум светот да го одржат кредибилитетот на фискалните и монетарните политики за да ја зачуваат стабилноста на цените во период на зголемени економски ризици.
Мамсен предупреди дека глобалната економија се соочува со голема неизвесност поради низа шокови во последните години, вклучувајќи ја пандемијата на коронавирусот, кризата со трошоците за живот, трговските тензии и војните во Украина и Блискиот Исток.
„Глобалната економија покажа извонредна отпорност, но обемот на промените што се случуваат создава исклучително високо ниво на неизвесност, па затоа треба да бидеме подготвени за неочекуваното“, рече Мамсен на настан на Атлантскиот совет.
Тој истакна дека владите мора посебно да се грижат за здравите јавни финансии, нивото на долг, инфлацијата, вработеноста и економскиот раст.
Според него, стабилноста на цените може повторно да биде загрозена поради честите прекини во синџирите на снабдување.
Директорот за стратегија на Фондот оцени дека земјите треба да ја зајакнат отпорноста на нивните економии на надворешни шокови и геополитички тензии, а особено внимание посвети на брзиот развој на новите технологии, особено на вештачката интелигенција и дигиталните финансии.
Мамсен, исто така, предупреди дека големи структурни промени и нова технолошка револуција се случуваат истовремено со слабеењето на меѓународната соработка, што го отежнува координираниот одговор на големите глобални предизвици.











