
Светските економии сè повеќе ги третираат критичните минерали како стратешки ресурс. САД веќе започнаа со формирање резерви вредни 12 милијарди долари за да обезбедат сигурно снабдување за индустриите поврзани со зелената енергија, автомобилската индустрија, електрониката и одбраната.
Во исто време, Македонија има потврдени резерви на бакар во Иловица и на антимон на други локации, но нивниот економски потенцијал сè уште не е реализиран. Најавената инвестиција од 350 милиони евра во Иловица би можела да донесе просечен годишен извоз од околу 180 милиони евра и да придонесе за зголемување на националниот извоз за приближно 4%.
Дополнително, во близина на Крива Паланка се испитуваат капацитетите на антимон, а истражувањата со пет милиони евра ги финансира Министерството за енергетика на САД (DoE), преку Стратешкиот дијалог со Македонија. САД изминатиов период потпиша повеќе големи договори за снабдување со критични минерали, со Европската Унија, Јапонија, Канада и други земји. Во домашната Стратегија за минерални суровини 2026-2046, чиј носител во изработката беше МАНУ, се истакнува дека ваквите договори можат да донесат бенефити.
„Минерално богатите држави, особено оние што се во развој, може да имаат голем економски бенефит доколку потенцијалот од ваквата ситуација го искористат на правилен начин. Градењето на доверливи партнерства помеѓу државите добавувачи и државите корисници, мултилатералната соработка и транспарентноста се есенцијални во процесот на зголемување на производствените капацитети на критични минерални суровини и материјали“, се наведува во текстот на Стратегијата.
Вашингтон пак, продолжува со силни инвестиции во рударството и преработувачката индустрија. Министерството за енергетика на САД на почетокот на јуни додели 15 милиони долари за два проекта што ќе воспостават регионални конзорциуми за забрзување на развојот на нови синџири на снабдување со критични минерали и материјали од неконвенционални и секундарни суровини – во сојузните држави Невада и Џорџија. Други 134 милиони долари без издвоени за проекти во Минесота и Луизијана.
„Градењето на домашни синџири на снабдување за критични минерали значи дека сфаќањето на вредноста на неконвенционалните суровини може да ги зајакне синџирите на снабдување за американското производство и производството на основни технологии“, изјави помошничката секретарка за енергетика, Одри Робертсон.
Само во изминатиов месец мај, американското Министерството за енергетика додели 45,7 милиони долари за 19 проекти кои имаат за цел да ги пополнат празнините во домашниот синџир на снабдување со критични минерали. „Финансирањето поддржува развој на пилот-проекти за преработка на ретки земни елементи и критични минерали“, соопшти институцијата.













