Голем бизнис во светот на достава на храна: Uber нуди 15 милијарди долари за сопственикот на Glovo

Американскиот „Убер“ понуди речиси 15 милијарди долари во четвртокот за да ја купи германската компанија за достава на храна „Деливери Херо“, која е сопственик и на „Глово“, сигнализирајќи проширување на бизнисот во услови на сè пожестока конкуренција.

Според понудата, Uber нуди 41,50 евра по акција, со што вредноста на компанијата од Берлин се проценува на околу 14,8 милијарди долари. Управниот и Надзорниот одбор на Delivery Hero веќе ја одобриле трансакцијата, а нејзиното финализирање се очекува во втората половина на следната година, доколку ги добие потребните регулаторни одобренија.

Како дел од договорот, Uber се обврзува да инвестира две милијарди долари во Германија до 2031 година, како и да ги задржи седиштето на компанијата во Берлин и најголем дел од вработените најмалку до 2029 година.

Со спојувањето ќе се создаде една од најголемите светски платформи за достава, присутна на 99 пазари, со проценета вредност на испорачаната стока од околу 236 милијарди долари во 2025 година.

Аквизицијата значително ќе го прошири присуството на Uber Eats во Европа, Блискиот Исток, Азија и Латинска Америка, иако аналитичарите очекуваат договорот да биде внимателно разгледан од регулаторите поради можните последици врз конкуренцијата на пазарот.

Delivery Hero е основана во Берлин во 2011 година и преку бројни аквизиции прерасна во една од водечките светски компании за достава на храна, додека Uber во последните години активно инвестира во преземања за да го забрза својот раст по забавувањето на побарувачката по пандемијата.