Скоро 40.000 работни места се отворени во Македонија, со преземање на само три мерки за намалување на невработеноста, вели вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во интервју за МИА.
Ставрески прецизира дека се отворени 39.450 нови работни места.
“Во слободните економски зони има 4.028 нови работни места, со активните политики на Агенцијата за вработување преку самовработување отворени се 5.798 работни места, со субвенционирање на работодавачите преку Агенцијата има 4.807 места, преку обука од познат работодавач 6.591 место, преку практиканство 759 работни места, преку едукација за лични бизниси 1.914, како и преку кредитната линија за мали бизниси која ја нуди Европската инвестициска банка 4.907 нови работни места”, вели Ставрески.
Решавањето на проблемот со невработеноста, според Ставрески, Владата го гледа во економскиот раст на земјата и во доаѓањето на странските компании кои се големи генератори на работни места.
Како пример ги додава комапниите кои веќе се започнати со работа во слободните економски зони во Македонија.
“Од веќепостоечките компании, Џонсон Контролс Скопје имаат најавено 500 вработувања од кои досега имаат реализирано 325, Џонсон Контрол Штип најавија 1.500 вработувања, а реализираа 768, 650 нови вработувања најавија и Џонсон Мети, досега тие реализираа 448, Кемет електроникс од најавените 500, имаат реализирано 177, Протек најави 130 нови работни места, засега работат 50 луѓе, Технохозе најавија 170, а реализираа 32, Ван Хул се на половина од најавеното, односно од 500, досега вработија 250, Кромберг и Шуберт од 3.000 места, реализираа 792, Дрексел Мајер од 4.000, реализира 1.048 места, Алајанас Уан најави 150, а веќе работат 138. Според најавите нови вработувања ќе има во Кумал во Штип 50 нови работни места, Кофикаб Кавадарци, 150 места, како и Маркат Велес, 500 нови работни места. Тоа се 11.800 нови работни места од постоечките инвестиции во зоните, од кои 4.028 работни места се веќе реализирани”, додаде Ставрески.
За во 2014 година, Ставрески посочи дека очекува влез на уште 20 светски компании на македонскиот пазар, кои ќе креираат неколку илјади нови работни места.