
Недостатоците во законската регулатива, недоволните човечки ресурси и слабиот фискален напор значително го ограничуваат фискалниот капацитет на единиците на локалната самоуправа (ЕЛС), покажува ревизијата на успешност што ја спроведе Државниот завод за ревизија (ДЗР) за периодот 2020–2024 година.
Ревизијата, изработена во рамки на Годишната програма за работа за 2025 година, ја анализирала ефикасноста на мерките и политиките за администрирање на локалните даноци, такси и надоместоци. Заклучокот е дека постојните мерките и политиките на надлежните органи и ЕЛС не обезбедуваат ефикасно администрирање на локалните даноци, такси и надоместоци.
Општините не ги користат во целост расположливите фискални капацитети за прибирање на даноци, такси и надоместоци (навремена наплата, камата за задоцнето плаќање и спроведување на присилна наплата), поради што генерирале 2.934.384 илјади денари (47.761.274 евра) ненаплатени побарувања по основ на даноци, такси и надоместоци во периодот 2020 – 2024 година, а извршиле отпис на 233.895 илјади денари (3.803.170 евра).
Од вкупно ненаплатените побарувања по основ на данок на имот, 67% или 1.163.814 илјади денари се постари од 5 години, што укажува на слабиот фискален напор на општините.
ДЗР констатира дека постојната законска рамка има сериозни слабости. Регистарот на недвижен имот не се ажурира по службена должност, роковите за плаќање на даночните решенија не се прецизно утврдени, не е регулирана нивната достава, а постојат и ограничувања за ревизија на пазарната вредност на имотот.
Дополнителен проблем претставува застарената методологија за проценка на вредноста на објектите, која не ги опфаќа новите видови градби и материјали, а користи цени што не ја одразуваат реалната пазарна вредност. Само 15 општини спровеле ревизија на пазарната вредност на имотот, што создава нееднаква примена на прописите.
Ревизијата утврдува и сериозни слабости во администрирањето на комуналните такси. Во многу случаи тие се наплатуваат без издадени решенија и без воспоставен регистар на обврзници. Само три од осумте законски предвидени комунални такси се администрираат во повеќе од половина од општините.
Недоволните кадровски капацитети, различните и неповрзани софтверски решенија, нецелосните регистри и недостигот на проценители дополнително го отежнуваат управувањето со локалните приходи. Софтверите што ги користат најголем дел од општините не овозможуваат прецизно следење на наплатата по години, што ја намалува ефикасноста на финансиското управување.
Во делот на надоместокот за уредување на градежното земјиште, ревизијата покажува дека 14 општини акумулирале ненаплатени побарувања од 826,4 милиони денари, поради различни практики при одобрување на плаќање на рати и несоодветно обезбедување на побарувањата.
Анализата покажува дека руралните општини, со исклучок на Петровец, Илинден и Чучер Сандево, имаат значително послаб фискален капацитет во споредба со урбаните општини.
Ревизорите предупредуваат и на недоволен инспекциски надзор. Во целата држава има само еден инспектор од Управата за јавни приходи задолжен за оваа област и 16 даночни инспектори во општините, кои немаат овластување да изрекуваат глоби.
Државниот завод за ревизија препорачува законски измени, подобрување на регистрите, модернизација на методологиите, зајакнување на административните капацитети и поефикасна координација меѓу институциите, со цел да се подобри наплатата на локалните даноци, такси и надоместоци и да се зајакне финансиската одржливост на општините.














