
Потрошувачите можат да очекуваат природен гас од крајбрежјето на Кипар да помогне во задоволувањето на енергетските потреби на Европа уште во март 2028 година, изјави министерот за енергетика на островската земја, Мајкл Дамијанос.
Министерот рече дека источниот Медитеран брзо станува алтернативен извор на енергија за европските земји, бидејќи војната на Русија во Украина и превирањата на Блискиот Исток го принудуваат континентот да бара нови извори, објави новинската агенција Бета.
Дамијанос рече дека партнерите, француската TotalEnergies и италијанската Eni, минатиот месец донесоа конечна одлука да продолжат со развојот на полето за природен гас Кронос покрај јужниот брег на Кипар.
Проектот ќе овозможи прва испорака на гас од полето на источниот Медитеран до европскиот пазар.
„Поради војната во Украина и ситуацијата на Блискиот Исток, важно е за Европа во овој момент Кипар да стане алтернативен извор на гас“, рече Дамијанос во интервју за АП.
Според конзорциумот „Eni-TotalEnergies“, работата за изградба на гасовод од полето Кронос до постојната инфраструктура на огромното египетско поле за природен гас Зор, оддалечено 105 километри, ќе започне подоцна оваа година и ќе трае до 18 месеци.
Потоа гасот ќе се транспортира до погон за преработка на северниот брег на Египет, каде што ќе се втечнува и ќе се испраќа до Европа.
Транспортот на гас од полето Кронос до Египет е економски најисплатлива опција, со оглед на близината на постојната инфраструктура.
Спогодбата предвидува дека целиот гас од полето Кронос ќе биде насочен кон Европа, со одредба во договорот дека околу една петтина од вкупниот гас треба да се користи за задоволување на дел од домашните енергетски потреби на Египет.











