
Здруженијата на превозници од Западен Балкан ќе го чекаат состанокот во Брисел, закажан за 1 септември, на кој треба да разговараат со претставници на Европската комисија за проблемот со престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната.
Од исходот на состанокот ќе зависи дали превозниците ќе организираат нови протести. На денешниот состанок во Скопје тие порачаа дека не сакаат да протестираат, но доколку не биде најдено решение, ќе бидат принудени на таков чекор.
Генералниот секретар на Асоцијацијата на превозници „Макам-транс“, Биљана Муратовска, вели дека превозниците сакаат да го избегнат нарушувањето на транспортот и последиците врз економијата.
– Не сакаме да му наштетиме на никого, ниту на Европската Унија, ниту на нашите држави, а најмалку на нас самите – превозниците. Но, ако сме принудени, ќе организираме протести со кои уште еднаш ќе ги потсетиме сите дека постои проблем што треба да се реши – изјави Муратовска.
Превозниците се надеваат дека на состанокот во Брисел ќе биде постигнат договор, бидејќи, како што велат, протестите не се во интерес на никого.
– Како превозници не сакаме да протестираме бидејќи тоа се одразува на целото општество, но ако бидеме принудени, ќе мора да излеземе. Искрено се надеваме и посакуваме тоа да не се случи – изјави Неџо Мандиќ од Србија.
Бараат јасно толкување на правилото 90/180
Превозниците не бараат промена на договорот за престој во Шенген-зоната, туку бараат доследно и еднакво применување на правилото според кое можат да престојуваат најмногу 90 дена во период од 180 дена.
Тие инсистираат на тоа да им бидат овозможени „90 полни денови“, како и да се утврди прецизен рок за решавање на проблемот.
Според Мандиќ, дополнителен проблем претставува различното толкување на правилото на граничните премини. Превозниците велат дека во пракса се соочуваат со неизвесност дали времето поминато во Шенген ќе им биде правилно пресметано.
– Зависиме од поединци на граница и од начинот на кој ја толкуваат одлуката. Имаме тотална неизвесност. Возачите тргнуваат на пат и знаат дека не го потрошиле времето, но кога ќе стигнат на граница, еден ќе им каже едно, друг друго – еден ќе ги пушти, друг нема – вели Мандиќ.
Тој додава дека проблемот веќе влијае врз транспортниот сектор, бидејќи, според нивните информации, околу половина од возачите одбиваат да возат поради неизвесноста со која се соочуваат на границите.
Превозниците посочуваат дека проблемот ги засега околу 17.000 професионални возачи од Македонија, додека на ниво на Западен Балкан бројката достигнува околу 100.000 возачи.











