
Лондонскиот аеродром Хитроу ја изгуби својата позиција како најпрометен аеродром во Европа во јули, откако низ неговите терминали поминале 7,86 милиони патници, додека аеродромот во Истанбул регистрирал 8,15 милиони.
Бројот на патници на аеродромот Хитроу бил за 1,5 проценти помал отколку во јули минатата година, додека Истанбул забележал раст од 2,3 проценти, објавува „Гардијан“.
Воздушниот сообраќај помеѓу аеродромот Хитроу и дестинациите на Блискиот Исток бил особено погоден од војната меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, па затоа бројот на патници на тие линии во јули бил за 20,2 проценти помал отколку една година претходно.
Претставниците на аеродромот Хитроу тврдат дека резултатот ја покажува потребата од проширување бидејќи неговите две писти работат со речиси полн капацитет.
Лондонскиот аеродром бара дозвола за изградба на трета писта, што би можело да го зголеми капацитетот од околу 85 милиони патници годишно, како што е евидентирано во 2025 година, на дури 150 милиони.
Хитроу беше најпрометниот аеродром во Европа од 1996 до 2019 година, пред ограничувањата поради пандемијата да го прекинат тој низ.
Тој повторно ја освои титулата во 2023 година, но сега Истанбул за прв пат ја зазеде водечката позиција.
Аеродромот Истанбул беше отворен дури кон крајот на 2018 година и беше изграден како сосема нов голем меѓународен центар, постепено заменувајќи го стариот аеродром „Ататурк“.











