
Долгонајавуваната европска дозвола за патување ETIAS повторно е одложена, овој пат без нов официјален датум за почеток. Патниците кои доаѓаат во Европа без виза засега не треба да аплицираат или да плаќаат за оваа дозвола.
Воведувањето на Европскиот систем за информации и овластување за патување (ETIAS) повторно е одложено, а Европската Унија сега наведува дека датумот за почеток на системот сè уште не е одреден.
Претходно се очекуваше системот да почне во 2027 година, но по проблемите со новиот европски систем за влез и излез на европските граници, кој веќе предизвикува долги редици на европските аеродроми, и воведувањето на EТИАС е дополнително одложено.
Кога ќе биде воведен, ETIAS ќе биде задолжителна електронска патна авторизација за граѓаните од земјите чии државјани можат да патуваат без виза во Шенген-зоната. Системот ќе ги опфати, меѓу другите, патниците од Обединетото Кралство, САД, Канада и од Австралија, како и од други земји со безвизен режим.
Патниците ќе пополнуваат онлајн формулар со лични податоци и безбедносни информации, по што ќе следува предвлезна проверка. Планираната цена е 20 евра, а од плаќањето би требало да бидат ослободени одредени категории, меѓу кои лицата помлади од 18 и постарите од 70 години, како и одредени членови на семејствата на граѓаните на ЕУ.











