Глобалната продажба на електрични возила се зголеми за девет проценти во споредба со минатата година

Глобалната продажба на електрични возила (EV) се зголеми за девет проценти во јули во споредба со истиот месец минатата година, на 1,85 милиони возила, продолжувајќи го растот петти месец по ред, според податоците од консултантската фирма Benchmark Mineral Intelligence.

Растот речиси целосно го предводеше Европа, каде што продажбата на електрични возила, вклучувајќи ги целосно електричните и plug-in хибридните, се зголеми за 33 проценти на годишно ниво на 450.000 возила, објави Ројтерс.

Највисок раст меѓу главните европски пазари е забележан во Франција, каде што продажбата се зголеми за 81 процент, по што следат Германија за 46 проценти и Велика Британија за 43 проценти.

„Бенчмарк“ вели дека повторното воведување на програмите за субвенционирање на електрични возила на голем број големи европски пазари на автомобили придонеле за силна побарувачка.

Спротивно на тоа, продажбата на електрични возила во Кина се намали за пет проценти на годишно ниво на 980.000 автомобили.

Кина останува најголемиот поединечен пазар за електрични автомобили, но кинеските производители се повеќе зависни од извозот за да се компензира послабата домашна побарувачка. Уште поизразен пад е забележан во Северна Америка, каде што продажбата се намали за 27 проценти, на 140.000 возила.

Падот следеше по елиминацијата на американските федерални даночни кредити за купување електрични возила, што дополнително ја ослабна побарувачката.

Глобалната продажба на електрични автомобили во првите седум месеци достигна 11,5 милиони возила, се наведува во извештајот.