Просечна цена од 2.156 евра за квадрат во Скопје: Зошто становите се празни, а цените растат?

Цените на становите растат, но за голем дел од граѓаните купувањето сопствен дом станува недостижно. Додека едни семејства со години штедат за учество и се задолжуваат со станбени кредити, други веќе поседуваат по два или три стана и слободните средства ги вложуваат во недвижности. Во исто време, според проценките, околу една третина од становите стојат празни, а и покрај континуираната изградба, цената на квадратот не се намалува.

На пазарот на недвижности има многу парадокси, станови има, но тие не се подеднакво достапни за оние на кои им се потребни. Од една страна, се градат нови станбени објекти и понудата се зголемува, а од друга, цените остануваат високи и за просечното семејство купувањето стан значи долгогодишно задолжување и откажување од значаен дел од семејниот буџет.

Според податоците на „ЦенаКвадрат“, просечната барана цена за продажба во Скопје изнесува 2.156,79 евра за квадратен метар. Стан од 60 квадратни метри, според оваа цена, би чинел околу 129.400 евра. Тоа значи дека се потребни повеќе од 13 години просечна плата доколку целокупниот приход би се издвојувал само за станот – нешто што во реалниот живот е невозможно поради трошоците за храна, сметки, превоз, образование и останатите потреби. За повеќето семејства решението е станбен кредит. Но, и тука пречката е висока. За стан од 129.400 евра, со учество од 20 проценти, потребни се околу 25.900 евра сопствени средства, додека околу 103.500 евра би биле кредит. Ако едно лице успева да штеди 300 евра месечно, само за учеството би му биле потребни повеќе од седум години, а со заштеда од 200 евра – речиси 11 години, под услов цената на станот воопшто да не се зголемува.

Во исто време, на пазарот постои и сосема друга слика. Дел од купувачите не бараат стан за да го решат сопственото станбено прашање, туку недвижноста ја гледаат како инвестиција. Така, додека едни граѓани не можат да го купат ниту еден стан, други располагаат со средства за купување втор или трет имот.

– И покрај фактот што секој трет стан е празен, побарувачката сè уште ја надминува понудата, а квадратниот метар во центарот надминува 3.000 евра. Како што се намалуваат квалитетните локации за градба на станбени објекти, така градежниците ги зголемуваат цените по квадратен метар. Во зголемувањето на цените значаен удел имаат и сопствениците на локациите, кои ги зголемија своите барања и бараат поголем процент од станбената површина во изградените објекти, изјави за „Локално“ Никола Велковски, градежен експерт.

Високите цени, според него, се поврзани и со структурата на купувачите, односно со фактот што значаен дел од становите се купуваат како инвестиција.

– Поголем дел од становите ги купуваат лица кои ги инвестираат слободните финансиски средства, бидејќи недвижностите во моментов се сметаат за една од најсигурните инвестиции. Многу граѓани од другите градови купуваат станови во Скопје бидејќи државата не спроведе ниту административна ниту фискална децентрализација, па голем дел од потребите мораат да ги решаваат во главниот град. Купувачите на прв стан се сè помалку, бидејќи за младите брачни парови становите се прескапи и бараат сериозно кредитно задолжување, вели Велковски.

Целиот текст на Локално.мк