
Надлежните од Независната управа за јавни приходи на Грција (ААДЕ) открија даночни неправилности во вредност од 92.000 евра при необјавени инспекции на бродски превозници на островот Санторини. Инспекторите спровеле проверки на туристички бродови и катамарани кои нудат еднодневни или полудневни крстарења, а резултат на истите биле изречени казни во вкупен износ од 43.000 евра, извести дописничката на МИА од Атина.
Акцијата, наречена „Ќе те носам на крстарење 2026“ (инспирирана од стихови на стара грчка песна), била реализирана со примена на современи алгоритми за анализа на податоци од даночната и статистичка евиденција.
Претставници од ААДЕ информираа дека контролите се одвивале во пристаништата на островот, каде што се базираат пловила за туристички тури околу Санторини. Ненајавените проверки биле спроведувани непосредно по враќањето на бродовите од крстарењата.
Клучните точки на инспекцијата вклучувале издавање фискални сметки, правилно пресметување и примена на ДДВ, начини на плаќање, како и прибирање и презентирање на потребната документација.
Биле прегледани вкупно 26 туристички бродови. Во 12 од нив биле констатирани даночни прекршоци, кои се однесуваат на неиздавање или неправилно издавање на сметки, недоставување или одбивање да се презентираат бараните документи, наплата во готовина над дозволениот лимит од 500 евра, како и примена на несоодветно пониска стапка на ДДВ.
„Вкупната вредност поврзана со утврдените прекршоци изнесува 92.000 евра, а беа изречени казни од 43.000 евра“, наведоа од ААДЕ. Дополнително, посочија дека контролите продолжуваат со длабински анализи на компаниите кои сториле прекршоци, при што ќе се користат и вкрстено ќе се проверуваат даночни податоци. Се разгледува и можноста за проширување на инспекциите на претходни даночни периоди кои досега не биле предмет на контрола.











