
Цената на природниот гас во Европа го достигна највисокото ниво од средината на март, а дополнителна загриженост предизвикуваат релативно ниските залихи во складиштата за гас. Ситуацијата е особено неповолна во Германија, каде што зафатеноста на складиштата се намали на околу 50 проценти.
Фјучерсите за гас за испорака во септември на холандската берза TTF вчера достигнаа 64,6 евра за мегават-час (MWh). Според податоците објавени од германскиот „Шпигел“, цената на гасот се зголемила за повеќе од 20 проценти за само две недели.
Една од главните причини за новото зголемување на цената се зголемените тензии околу Ормутскиот теснец, клучен поморски пат низ кој минува значаен дел од светската трговија со енергија.
Новите напади врз трговски бродови повторно го отворија прашањето за безбедноста на транспортот на енергија од Персискиот Залив.
Во исто време, европските земји влегуваат во предзимскиот период со помали резерви на гас отколку што имаа во исто време минатата година.
Според податоците за 17 август, европските складишта за гас биле полни со 61,4 проценти, додека во истиот период минатата година зафатеноста била речиси 74 проценти.
Ситуацијата е уште понеповолна во Германија. Складиштата таму биле полни само со 50,1 процент, во споредба со речиси 67 проценти една година претходно.
Дополнителен проблем е високата цена на гасот. Како резултат на тоа, компаниите не се склони да купуваат поголеми количини по тековни пазарни цени, наместо тоа ги одложуваат купувањата и сметаат на можноста за државна помош.
Комбинацијата од поскап гас, пониски залихи и неизвесност околу снабдувањето го зголемува притисокот врз европскиот енергетски пазар пред почетокот на постудениот дел од годината.











