
Неколку синџири на бензински пумпи во Москва почнаа да ја рационализираат дистрибуцијата на гориво, објавија неколку руски медиуми, и покрај напорите на Кремљ итно да ги пренасочи залихите од внатрешноста кон главниот град.
Групацијата „Газпром Нефт“ потврди за весникот РБЦ дека вовела привремени ограничувања од 40 литри гориво по возило, наведувајќи дека ги мобилизира сите потребни ресурси за стабилизирање на ситуацијата поради растечката побарувачка, објавува Бета.
Во меѓувреме, мрежата „Татнефт“ сега применува ограничување од 50 литри за бензин и 60 литри за дизел.
Вкупната стапка на достапност на гориво на бензинските пумпи во земјата падна на 28,1 процент на 16 август, во споредба со 41 процент една недела претходно.
На 14 август, Министерството за енергетика објави дека проблемите со снабдувањето со гориво сè уште постојат во некои региони на Русија.
На почетокот на јули, рускиот вицепремиер Александар Новак изјави дека недостигот се должи на делумното затворање на рафинериите за нафта по нападите со беспилотни летала. Потоа тој нагласи дека Русија има доволен капацитет за рафинирање.
На крајот на јули, рускиот претседател Владимир Путин ги опиша тешкотиите на пазарот на гориво како привремени и нагласи дека тие нема да влијаат на целокупната економска состојба.











