
Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) забележа рекорден приход од 1.919.775.277 денари (над 31 милион евра) од наплата на патарина во првите шест месеци од годинава. Ова е за речиси 22 милиони денари повеќе во споредба со истиот период од 2025 година
Од почетокот на годинава заклучно до јуни од наплата на патарина во државава инкасирани се рекордни 1.919.775.277 денари (над 31 милиони евра), во споредба со минатата 2025 година наплатени се 21.891.532 денари повеќе, информираа за МИА од Јавното претпритијатие за државни патишта (ЈПДП).
Најфреквентна наплатна станици е Тетово по што следуваат Петровец, Романовце, Глумово, Миладиновци, Желино, Гостивар, Стоби, Кадрифаково, Преод, Сопот, Демир Капија, Отовица, Гевгелија.
Според собраните средства и цената на билетите највисоки приходи има на Романовце, по што следуваат Миладиновци, Петровец, Глумово, Желино, Тетово, Стоби, Преод, Гостивар, Сопот, Гевгелија, Кадрифаково, Отовица, Демир Капија.
– Јавното претпритијатие за државни патишта секогаш кога има зголемен обем на сообраќај на наплатните станици, а посебно во летна сезона, Одделението за наплата на патарина прави акционен план (распоред) кадешто на секоја наплатна станица на двата коридори, се пуштаат во функција сите расположливи ленти, секако подеднакво се дава и приоритет на електронска наплата на патарина (ЕНП) на MTag каде најмалку една лента е секогаш во функција – тоа се возила кои поминуваат без да застанат, и на електронска наплата на патарина MCard-тоа се возила кои немаат контакт со вработен т.е. бесконтактно поминување – велат од ЈПДП.
Учеството на електронската наплата во вкупниот промет на наплата е 36 проценти од вкупно 11 наплатни станици каде е воведена.
Од ЈПДП посочуват дека податоците за продажбата на електронски уреди и нивно надополнување, особено откако м-таг уредите се достапни и во продажните салони на операторите, покажува дека електронската наплата на патарини е зголемена за 6 проценти од вкупната таква наплата.
Од мај годинава м-таговите може да се купат и во продажната мрежа на „Македонски телеком“ и „А1 Македонија“, а претходно беа достапни само во ЈПДП или на наплатната станица Петровец.
Раководството на ЈПДП при промоцијата на можноста за купување на м-таговите кај мобилните оператори инфорираше дека се размислува за воведување на моделот на наплата на патарини како во Србија, односно затворен систем за наплата за поминати километри. За таа цел, веќе се работи на студија да се воведе ваков систем на наплата на Коридорот 8.
Од наплата на патарини минатата година (заклучно со 23 декември) беше остварен промет од 4.158.914.362 денари (67.624.624 евра).











