
Загреб стана првиот европски град каде што можете да нарачате автономно возило преку Uber. Роботакси во моментов се достапни, како што наведува компанијата, во клучните делови од градот, вклучувајќи го и центарот.
Станува збор за заеднички проект помеѓу Uber, Verne и кинеската компанија Pony.ai, при што Verne е сопственик на возниот парк и оператор на услугата, Pony.ai го обезбедува решението за автономно возење, додека Uber ќе ја интегрира услугата во својата глобална мрежа за нарачување превоз.
До услугата може да се пристапи преку апликацијата Uber, во која потоа се избираат опциите UberX или Comfort. Доколку е достапно автономно возило, апликацијата ќе му ја обезбеди на корисникот таа опција, заедно со информации за самото роботакси, како и упатства за започнување и завршување на возењето.
Verne ја лансираше првата комерцијална роботакси услуга во Европа уште во април, по што направија илјадници вакви возења.
„За прв пат во Европа, постои вистинска комерцијална роботакси услуга – луѓето можат да ја користат и да искусат автономно возење“, рече Марко Пејковиќ, коосновач и извршен директор на Verne.
По тој повод, беше објавено и дека Verne започна преговори за лансирање на услугата во 11 градови низ Европската Унија, Велика Британија и Блискиот Исток.
За почеток, секој автомобил ќе има лиценциран оператор зад воланот за да го надгледува возењето, пред да започне целосно автономно возење во иднина.











